Вардар го „избрка“ Борозан?!

Екипата на Вардар може да остане без класичен лев бек пред дуелите со ПИК Сегед бидејќи после повредата на Дисингер против ППД Загреб во Брест и во очекување на резултатите од повредата на Горбок на средбата меѓу Русија и Унгарија,  поради недисциплина од тимот е отстранет и Вуко Борозан.

Според информациите до кои доаѓа редакцијата на 24 Ракомет, Борозан деновиве не се појавил на тренинзи во салата во СЦ „Јане Сандански“ со колегите кои не беа дел од ЕХФ неделата. Од Борозан немало ниту трага ниту глас и при полетувањет0 за Брест на Фајнл Фор турнирот во СЕХА, а чашата за раководството на клубот ја прелило однесувањето на Црногорецот во последните три дена. Тој не се појавил на тренингот во понеделник, а не се појавил ниту во вторникот и средата. Токму ваквото однесување е повод за реакција од клубот.

Вардар во Белорусија стигна до титулата во СЕХА лигата, петта со што стана најуспешниот клуб во ова регионално натпреварување.  Ваквата недисциплина се чини нема да се толерира од страна на клубот. Борозан нема да го носи „црвено-црниот“ дрес, и покрај повредите на Дисингер и Горбок.  Тоа значи дека до крајот на сезоната Вардар ќе мора да комбинира на позицијата лев бек со Карачиќ и Војводиќ или евентуално со некој од помладите за средбите од Лигата на шампионите.

Борозан е повеќе на трибините отколку на терен. Тој сезонава ја почна со повреда, па долго го чекаа за да ја санира истата и да може да игра. Одигра само неколку натпревари во Лигата на шампионите и СЕХА, а потоа отиде на хируршка интервенција на коленото со цел навреме да се врати за вториот дел од сезоната (после Светското првенство). Сепак, рехабилитацијата не одеше според планот, па тој не успеа да ја врати формата и препознатливата игра и повторно беше повеќе на трибините отколку на терен.

Со Борозан веќе се поврзуваат информации дека на крајот од сезоната треба да го напушти Вардар и да се пресели на нова ракометна дестинација. Едната води кон Шпанија и тимот на Барселона, а другата, онаа поверојатна е Унгарија и тимот на Веспрем.