Вардар брка победа од седум гола за да игра финале

После вчерашното реми против тимот на ПСЖ денеска ракометарите на Вардар се пред нов предизвик на турнирот во Стразбур и ќе треба да се соочат со нов ривал. Следува пресметката со засилениот тим на Мешков Брест, а ова ќе биде прв дуел на програмата од третиот ден од разигрувањето.

Ситуацијата е јасна. Во групата каде што се наоѓаат ПСЖ, Вардар и Мешков Брест, во водство е шампионот на Франција. ПСЖ го совлада Мешков со 35:29 и оваа победа засега го одржува на врвот.

Неизвесноста владее околу сите позиции. Она што е единствено јасно во групата е дека ПСЖ не може да биде последен. Може да се најде на врвот или на 2. место, додека Мешков, пак, никако не може да дојде до првата позиција. Оттаму останува да се види како ќе течат работите и каде ќе заврши составот на Вардар.

Со победа од седум гола разлика над Мешков, Вардар е сигурно прв. Победа од шест гола разлика ќе донесе израмнување со ПСЖ. Во таква ситуација треба да се постигнат најмалку 36 гола, додека со помала разлика победата ќе донесе 2. позиција.

Доколку Вардар ремизира исто така останува втор, додека доколку загуби тогаш Мешков ќе биде втор и ќе разигрува за 3. позиција додека Вардар ќе се бори за 5. место против Нант.

Оттаму денешниот дуел ќе биде максимално интересен, а детали ќе пресудат кој ќе се радува на трофејот. Инаку, Вардар денеска најверојатно ќе биде без капитенот Стојанче Стоилов. Повторно ќе ги нема и Игор Карачиќ и Вуко Борозан.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

ЧЕТВРТОК, 23 АВГУСТ

ПСЖ – Мешков Брест          35:29

Нант – Монпелје       27:31

ПЕТОК, 24 АВГУСТ

Нант – Веспрем         24:28

ПСЖ – Вардар           33:33

САБОТА, 25 АВГУСТ

18:15ч

Вардар – Мешков Брест

20:30ч

Монпелје – Веспрем.