Брестовац: Ме навредуваат дека не им ги викам синовите, но кај мене никој не игра со „врски”

Македонија ја победи Аргентина со 29-25 во разигрувањето за пласман на 13 место на Мундијалот во Скопје. Селекторот Данило Брестовац вели дека ни недостасувала борбеност за да направиме нешто повеќе на ова светско првенство.

“Целта ни беше осминафиналето, желбата беше присутна кај сите за четвртфинале. Против европските репрезентации одигравме добро плус денеска против Аргентина. Од сите други натпревари не сум задоволен. Не го игравме тоа што сме се договарале. Не знам за каква блокада се работеше, кој беше проблемот, дали пристиок, дали стрес, дали домашен терен. Нас ни недостасуваше борбеноста. Можеби ми неодстигаше хемијата во тимот. Околу начинот на тренинг немам никаква забелешка. Им недостигаше креативност во нападот, која ја имаат на тренинг. Тие исто така посакуваа, не е дека немаа желба, но имаа некоја ментална блокада. Ако Младеновиќ играше на сите претходни натпревари, како денеска, ќе имавме многу повеќе победи. Таа десна страна ни беше коректна. Сепак ова 13 место сепак мислам дека е реално”, вели Брестовац.

Деновиве на социјалните мрежи имаше жестоки критики за работата на стручниот штаб.

„Имам напад од бивш ракометар затоа што син му не го викам во репрезентација. Неговиот син е на поширокиот список, но сметам дека не е сега за во тим. Тој може да ме напаѓа мене и ми вели да го земам. А, јас не може да го земам ако не е подобар од друг на таа позиција. Има и други што се лутат, ме напаѓаат и ме навредуваат. Нека ме навредуваат. Ракометарите доаѓаат од различни градови… од Ресен, од Струга, од Струмица и од други градови… кој игра тука со врски, како што велат!? Не заслужуваат да реплицирам на пораките и на сите работи што ги добивам на интернет. Тоа не е мој стил. Пет години сум бил помошник кај Лино Червар, работев со Ивица Обрван во Шамбери. Со светски и европски прваци. Медалисти. Сум работел со капитени на Франција. Секој тренинг ми го гледале. И сега, мене некои ќе ми велат дека не го знам ракометот? Две години се мачам, од академии да направиме ракометари, па ме навредуваат. Две години не сум бил на одмор, се „печеме“ сите на 40 степени, за да дојде некој и да каже „дај оставка“, заврши Брестовац.

Со овој Мундијал завршија обврските на Данило Брестовац во кадетската селекција и тој ќе може да се псовети на она што ги чека сениорите во Виена на Европското првенство.