Брестовац знае како против Турците, во 2010 го „чуваше голот“ против нив во Адана

Селекторот на репрезентацијата на Македонија, Данило Брестовац во 2010 година беше дел од националниот тим кој играше квалификации во Адана и дојде до победа од 35:26 против Турците. Ова е доказ дека Македонија знае како треба да се одигра за да може убедливо да ги победи репрезентативците на Турција.

Брестовац тогаш беше дел од голманската тројка во која ги имаше и актуелните „чувари на мрежата“, Борко Ристовски и Никола Митревски. Сега во нешто поинаква улога, но со проверени сили ќе има нова тешка задача.

Во тимот од тој меч одигран на 16 јануари, Македонија и денеска ќе ги има капитенот Кирил Лазаров, пивотот Стојанче Стоилов и главниот дефанзивец Велко Маркоски. Тоа се вкупно шестмина кои и денеска ќе бидат на теренот, но од нив сега Брестовац е во улога на селектор, а другите петмина ќе се обидат да стигнат до нов триумф.

Головите на тој меч за Македонија ги постигнаа: Наумче Мојсовски 11, Кирил Лазаров 9, Стевче Алушовски 5, Митко Стоилов 3, Владимир Темелков 3, Стојанче Стоилов 2, Велко Маркоски 1 и Филип Миркуловски 1. Во составот беа и: Данило Брестовац, Филип Лазаров, Влатко Митков, Никола Митревски, Златко Мојсоски и Борко Ристовски.

Инаку, тоа беа квалификации за бараж за СП во 2011 година. Македонија не успеа да ги мине поради тоа што на средбата против Литванија ремизираше, па поради послаба гол разлика на крајот мораше да се задоволи со 2. место во групата.