Борко Ристовски: Нашиот пат секогаш бил трнлив, но и секогаш сме успевале

Првиот голман на Македонија, Борко Ристовски имаше одличен ден и покрај тоа што одбрани 14 удари на Исланѓаните, тој успеа еднаш и да го погоди голот на противникот. Сепак, на крајот оваа негова одлична партија не беше крунисана со победа туку со реми од 24:24.

После средбата тој коментираше дека е задоволен од она што беше направено на теренот.

„Задоволен сум од натпреварот со оглед на тоа што се работи за една квалитетна репрезентација како што е Исланд. Ние во два натпревари останавме непоразени. Тоа е една позитивна работа која што оваа репрезентација мислам дека го нема направено. Секогаш редовно сме ги губеле натпреварите таму. Сега имаме победа и нерешен резултат што мислам дека кога сè ќе се собере е голема и позитивна работа. Не треба да жалиме, имаме малку горчлив вкус затоа што имавме шанса за победа, меѓутоа да не заборавиме Исланд имаше три гола предност на три минути до крај и треба да бидеме задоволни од овој бод затоа што се работи за високо квалитетна репрезентација“, коментираше голманот Ристовски.

Тој ги поправи своите бројки во однос на првата средба и покажа дека знае како треба со Исланѓаните. Воедно смета дека овој бод и двата од Рејкјавик ќе и дадат шанса плус на Македонија пред пресметките со Турција и Грција за пласман на Европското првенство.

„Ние во последниве десетина години колку што настапуваме на големи натпреварувања, секогаш одиме по потешкиот пат, но и секогаш сме успевале. Нас таков ни е патот, трнлив. Последните два натпревари ги играме со Турција и Грција. Тоа се релативно послаби противници, но треба да се мобилизираме, да останеме будни и да ги завршиме овие квалификации со две победи и да останеме само со еден пораз“, изјави Ристовски.

Последните два дуели се играат на 12 јуни во Ескишехир со Турција и на 16 јуни во Скопје со Грција.