Борко Ристовски: Главата горе, уште ништо не е загубено

Голманот Борко Ристовски ја заврши средбата со девет одбрани. Имаше свои моменти кога Македонија се доближуваше за да нападне за два гола негатива во вториот дел, но не успеа да помогне за подобар резултат.

„Промашивме премногу зицери кои обично не ги промашуваме. За разлика од нас на Хрватите коцките им се поклопија. Тоа е искусна репрезентација која знае да казни. Се работи за поквалитетна селекција од нас и ние мораме да го прифатиме тоа како реалност. Сепак, нема застанувње. Одиме напред. Главата горе и треба да се подготвиме за следните дуели. Уште не е ништо загубено“, коментираше Ристовски после натпреварот.

Тој имаше свое видување за играта со седум ракометари во напад.

„Игравме 7 на 6 и тоа е одлука селекторот. Тој смета дека на таков начин може до подобар резултат и така игравме. Вистината е дека ние успеавме да создадеме многу шанси, но исто така и дека промашивме премногу зицери.

Во однос на тоа кој натпревар ќе биде клучен и решавачки до крајот на турнирот со интересно размислување.

„Уште пред да тргнеме од Скопје една работа беше сосема јасна, а таа е дека нема важни и клучни натпревари туку дека сите натпревари се такви. Така дојдовме во Германија и ќе мораме да ја бараме шансата до крај. Сега е на Раул да одлучи дали против Шпанија ќе бараме шанса или ќе ги одмори дел од ракометарите за да може против Исланд да се одигра на свежина“, рече Ристовски.

Пред 3. коло тој беше на врвот на Листата на голмани со најмногу одбрани. Со оглед на тоа што имаше девет денеска може да се очекува да остане во топ 5.