Борец остана без бодови и после дуелот со Вардар јуниор

Вардар јуниор стигна до победа во мечот од 8. коло и го надигра комплетно тимот на Борец со 30:17. На овој дуел вардарци имаа одлично второ полувреме кога доминираа.

Борец имаше добри 15 минути во кои беше во предност. Сепак, после 8:5 за Борец работите тргнаа во позитивен правец за Вардар. Набрзина ги неутрализираа трите гола негатива и стигнаа до пресврт, па до крајот на првото полувреме се изборија за позитива од два гола и на одмор заминаа со 11:9.

Второто полувреме беше сосема друга приказна. Вардарци набрзина стигнаа до предност од шест погодоци и тука го скршија отпорот на Борец поведувајќи со 15:9. После ова само продолжија да го зголемуваат водството и до крајот на средбата се изборија за голема разлика која стана и двоцифрена.

Конечните 30:17 беа показател за она што беше направено на средбата, па велешани остануваат зацврстени на дното на табелата без бодови.

БОРЕЦ – ВАРДАР ЈУНИОР          17:30 (9:11)

Сала: „Гемиџии“ во Велес. Гледачи: 200. Судии: Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески од Прилеп. Делегат: Петре Климкаров од Велес.

БОРЕЦ: Солев, Белчовски, Кочов, Илиевски 1, Крстовски, Смилев, Јордановски 2, Петров, Солев, Ацев, Минов 3, Караманов, Ристовски 2, Ристов 9.

Седмерци: 4/7, Исклучувања: 6 мин.

ВАРДАР ЈУНИОР: Кизиќ, Димов 4, Јанковски 1, Кукуловски 3, Мишевски 8, Постолов, Карапалевски, Т. Атанасовски 1, Бикоски, Гашоски 1, Крстевски 6, Анѓеловски, Ѓоргиев 2, С. Атанасовски  3, Цветаноски, Ќосевски 1.

Седмерци: 4/5, Исклучувања: 8 мин.