Богатство за Хрватите ако станат светски шампиони

Ракометниот сојуз на Хрватска ги објави наградите за пласман на светското првенство во Данска и Германија. Репрезентативците и стручниот штаб ќе добијат високи награди за успех на Мундијалот.

Претставниците на Ракометниот сојуз на Хрватска подготвија богата награда така што мотивот ќе биде огромен до крајот на првенството.

„Во пресрет на ваков значаен и голем светски ракометен настан кој е од голема важност за Ракометниот сојуз на Хрватска, одлучивме дополнително да ги стимулираме нашите репрезентативци. Иако финансиски заостануваме зад големите ракометни сили, износите за награди се во рангот со најголемите ракометни сојузи. Премијата за освоено прво место е 450.000 евра, за сребрен медал е 300.000 евра, додека за бронза е 200.000 евра. Четвртото место на светското првенство ќе биде наградено со 100.000 додека пласман на петто, шестто или седмо место на ракометарите ќе им донесат 50.000“, изјави претседателот на Ракометниот сојуз на Хрватска, Томислав Граховац.

Репрезентацијата на Хрватска настапува во групата Б заедно со Македонија. Мечот против Македонија го игра в понеделник од 18 часот.