Битолчани се израдуваа во Скопје: Шампионот Вардар загуби во „Јане Сандански“

Екипата на Пелистер си азмина со три бода од гостувањето во Скопје кај Вардар откако денеска победи со 30:26 против кадетскиот состав на „црвено-црните“. Парондо на располагање ги имаше играчите кои настапуваат за кадетската екипа, а во тимот беа и Марко Кизиќ и Марко Мишевски, додека Калифа Гедбан го преседе целиот меч на клупата.

Пелистер ја имаше иницијативата од 10. минута до крајот на средбата, но предноста во ниту еден момент не беше поголема од пет гола разлика. Постојано восдството се движеше од три до пет гола така што имаше константност во сите 60 минути. Младите вардарци покажаа борбеност, но и овој резултат кој беше обезеден на крајот беше одличен за нив.

Со оглед на тоа што титулата беше обезбедена пред неколку дена кога Вардар го совлада тимот на Еурофарм Работник, Парондо можеше да си дозволи да ги зачува ракометарите за натпреварите во Келн. Интернационалците денеска одмораа, па јасно е дека веќе со мислите се кон Келн.

Пелистер, пак, со овие три бода остана во трка за 4. место и сега останува само да се почека да се поклопат коцките за да се дојде до посакуваниот резултат на крајот од сезоната.

ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР    26:30 (14:16)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 50. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Скопје. Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

ВАРДАР: Кизиќ, Гедбан, Марио Мишевски 1, Чакалиќ 1, Павловски, Димитријевски 1, Србиновски 2, Грујовски 4, Ставревски 6, Димчевски 3, Калајџиески 1, Марко Мишевски 7.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 6 мин.

ПЕЛИСТЕР: Плех, Јовановски, Ристевски, Маџовски 8, Поповиќ 5, В. Димитровски 3, Апостоловски, Лековиќ 4, И. Димитровски, Кобетиќ 2, Стоилевски 1, Табанге, Дрогришки 2, Ивановски 5.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 6 мин.