Барса му пресуди на вицешампионот уште во Нант

Ракометарите на Барселона имаат уште 60 минути до потврда на пласманот на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите во Келн. После денешниот убедлив триумф од 32:25 над Нант и тоа на гостувањето сосема е јасно дека во Келн оди шампионот на Шпанија и дека реваншот ќе биде само формалност.

Каталонците доминираа од првата до последната минута. Решени да решат сè уште на првиот меч и ништо да не препуштаат на случајот рано успеаја да го добијат овој двомеч. Зададоа голем удар после првите 30 минути. Водеа со четири гола разлика, 16:12, но според играта беше јасно дека Нант тешко ќе може да се спротистави.

Барселона играше одлично во нападот, а во одбраната секогаш кога нешто не одеше најдобро тука беше Гонзало Перез де Варгас кој бранеше во одлична форма. Запре многу удари и беше еден од виновниците за создавањето на предноста поголема од пет гола.

Во финишот Барселона постојано имаше плус седум и оваа разлика беше и зачувана до крајот кога набрзина беа постигнати неколку погодоци. Она што е интересно е дека во составот на Барселона беше најефикасен репрезентативецот на Франција, Фабрегас со девет гола, додека во Нант, пак, најпрецизен беше играч од Шпанија. Валеро Ривера погоди осумпати. Кирил Лазаров на оваа средба имаше шут еден од четири.

Со овој резултат од 25:32 тимот на Нант веќе е јасно дека нема никакви шанси, па после Веспрем и Барселона е речиси сигурен учесник на Ф4 турнирот во Келн така што два од ривалите на Вардар од групната фаза веќе си ја отворија вратата за учество на турнирот на кој ќе се води битка за титулата. Воедно тоа значи дека после шампионот и вицешампионот од лани нема да има место на завршниот турнир во Лигата на шампионите.