Барса го истури бесот врз Целје

Барселона стартуваше со пораз во Лигата на шампионите, но веќе во 2. коло заигра во својот препознатлив стил и го декласираше Целје 45:21. Од самиот почеток каталонците беа во одличен ритам, брзо ги реализираа нападите и секоја грешка на Целје беше експресно казнета. По само 10 минути игра беше пет предност за домашните, 8:3. Циндриќ, Мем, Фабрегас беа незапирливи, па на полувреме беше 21:13.

Доминацијата на Барселона продолжи во вториот дел, многу брзо беше десет предност за домашните. Целјани беа немоќни повеќе да се спротивстават. Во 38. минута Барселона успеа да постигне три гола во една минута и да отиде на високи 29:17.

Натпреварот беше решен а избраниците на Чави Пасквал продолжија да го полнат голот на Целје. Во 50. минута Барселона имаше двојно повеќе постигнати голови од Целје, 40:20 во вистински „ран едн ган“ ракомет. До крајот победничката екипа броеше до 45 и најави дека останува еден од фаворитите сезонава.

Најефикасен во каталонскиот тим беше Лука Циндриќ со осум гола, а Дика Мем постигна пет и двајцата со 100% реализација. За одбележување е тоа што сите играчи на Барса се запишаа во листата на стрелци. Во составот на Целје најефикасен беше младиот Португалец, Диого Силва со пет гола.