Арнау Гандаис: Металург е добар и млад тим, но ние бевме физички поподготвени

Претставникот на Франција во Купот на ЕХФ, Иси Париз мина убав викенд во Скопје и на двете средби доминираше против ракометарките на Металург покажувајќи како треба да се бранат боите на клубот во меѓународно натпреварување без разлика на квалитетот на противникот.

Екипата на Металург не успеа ни по вторпат да биде достоен противник на поквалитетниот состав од Париз. Тренерот на Иси Париз, Арнау Гандаис после втората победа не го криеше задоволството од играта која ја прикажаа неговите девојки, а воедно ја обелодени и причината зошто Металург загуби толку убедливо

„Мислам дека се многу млад тим и секако постои разлика во нивоата помеѓу двата тима. Се обидуваа, на моменти имаа добри потези, но не се доволно физички подготвени, а ние во физичкиот дел од играта бевме подобри“, изјави за 24 Ракомет, Арнау Гандаис.

Тренерот на Иси Париз во вчерашниот натпревар влезе во двете полувремиња со различен состав. Поквалитетните ракометарки добија повеќе простор во вториот дел од натпреарот и истото го оправдаа со тоа што му дозволија на Металург да забие само еднаш во второто полувреме. Натпреварот против Металург не е едниствен натпревар кој го има екипата на Иси Париз во својот календар за овој септември, па оттаму дојде и ваквото комбинирање во составот со цел избегнување одредени повреди.

„Секако дека направивме одредени промени бидејќи е важно тоа што во текот на сезоната секој ќе треба да игра. Имаме уште средби овој септември и затоа се обидовме да се заштитиме, но го дадовме и својот максимум“.

Француското првенство е шампионат каде секоја година повеќето од екипите се надеваат на пласман во Ф4. Мината година учеството во финалниот дел од првенството им избега за едно место откако нивниот финиш на 5. позиција не беше доволен. Оваа сезона главна цел на францускиот состав ќе биде пласман во Ф4 од лигата и што подобро претставување во Купот на ЕХФ.

„Посакуваме да се најдеме во Ф4. Во нашата лига има навистина силни екипи како Брест и Мец и навистина тешко да се биде меѓу најдобрите, но сакаме на крајот да се најдеме меѓу најдобрите четири во првенството. Во следната рунда ќе играме со уште еден француски состав и тој натпевар ќе биде тежок бидејќи тие се добар тим кој донесе добри засилувања оваа сезона. Очекуваме победа и влез во групите. Го остваривме тоа минатата сезона и истото беше многу добро искуство и би сакале да го доживееме повторно“.

Од она што беше видено на теренот на двете средби впечатокот е дека екиптата на Иси Париз располага со добар состав кој веќе на почетокот на оваа сезона во првенството на Франција оствари две победи од три изиграни натпревари, а следниот предизвик ракометарките на овој тим го имаат против Тулон.