Алушовски: Ќе се обидеме да го изненадиме Спортинг, кој е фаворит во групата

Екипата на Еурофарм Работник ги привршува подготовките за натпреварот против Спортинг од Лигата на шампионите. Според искуството и играчкиот состав тимот од Португалија многумина го гледаат како кандидат за пласман на првите две позиции, но тоа е причина повеќе за в недела да се влезе максимално.

„Минатата сезона со организацијата на групната фаза на Купот на ЕХФ, клубот ги положи сите тестови со највисоки оценки, верувам дека така ќе биде и сега. Ќе играме на стартот со најсилната екипа во групата, па потоа следат две гостувања. Го анализиравме Спортинг, играа четири официјални натпревари и забележаа четири победи. Ќе се обидеме да најдеме игра за нив и да ги изненадиме“, изјави на денешната прес-конференцијата тренерот на Еурофарм Работник, Стевче Алушовски.

Тој вели дека е задоволен и од враќањето на левиот бек Остроушко, кој иако не ги одработи подготовките со другите ракометари на Еурофарм Работник, ќе биде од голема корист за тимот уште на првиот меч в недела.

„Радосен сум што се врати Остроушко. Штета што доаѓа без натпреварувачки ритам, но сигурно ќе го користиме во текот на сезоната, а и очекувам да добие шанса уште в недела“, изјави Алушовски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Работник и Спортинг се игра в недела од 17 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.