Ако влезе во ЛШ, Еурофарм Р. можеби ќе се сели во Скопје?!

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник преку Ракометната Федерација на Македонија аплицираше за вајлд-карта во најелитното клупско европско натпреварување, Лигата на шампионите. Веќе се познати сите критериуми за учество во елитното натпреварување, а во полза на битолскиот клуб е и шампионската титула на Вардар во елитното друштво.

Европската ракометна федерација има строги критериуми за доделување на место меѓу ракометната елита (сала, ТВ преноси, публика, претходни успеси, буџет и други), а битолската екипа веќе има солидно CV, стабилен буџет, убава позиција во домашниот шампионат и амбиции, прави и респектабилен тим на  играчи, но засега нема соодветна сала која е по строгите стандарди на ЕХФ за врвен ракометен натпревар. А тоа е еден од условите за да се биде домаќин на меч од ЛШ.

Иако ги реновираа соблекувалните, трибините и ја нашминкаа барен на око, проблем со салата во Битола е растојанието меѓу трибините и теренот, па и позади головите. Сведоци сме дека во Лигата на шампионите има многу проблематични спортски сали во кои сепак се игра ракомет од ЛШ, а најголем спортски центар во Битола треба да  добиено зелено светло за одржување на ракометен натпревар од највисоко ниво. Можеби ќе се бараат и дополнителни вложувања кои треба да се направат во најкус рок, а ако тоа не успее ќе мора да се игра во друга сала.

Сезонава во Битола се играа натпреварите од Купот на ЕХФ каде Еурофарм Работни играше во групната фаза. Доколку „фармацевтите“ добијат вајлд-карта за Лигата на шампионите, можно е натпреварите наместо во Битола, да треба да ги играат во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“ или СЦ „Јане Сандански“, единствените спортски сали во Македонија кои според комисијата за натпревари во ЕХФ ги исполнуваат стандардите за одигрување на врвен ракометен натпревар. Салата „Боро Чурлевски“беше домаќин на квалификациски натрпевар за пласман на европското првенство 2020 каде Македонија беше домаќин на Турција.

Одлуката на ЕХФ кои екипи ќе бидат дел од најсилното клупско натпреварување ќе биде позната на 25 јуни, а ждрепката за групната фаза ќе се одржи на 27 јуни во Виена. Доколку биде одбиен, Еурофарм Работник ќе добие место во Купот на ЕХФ, најверојатно во третото квалификациско коло.