Фер-плеј за пример: Им сугерираше на судиите да не покажат црвен картон за противникот

Од шампионатот на Данска пристигнува ретка случка на фер-плеј од ракометен натпревар. Играчот на Есбјерг, Рунар Карасон доби удар во главата, но побрза кај судиите да им каже дека не е за црвен картон, иако тие се фатија за џебот.

На дербито со Алборг во една ситуација кога Карасон одеше кон голот, Елебек се обиде да го сопре при што Исланѓанецот доби удар во главата. Судиите на натпреварот, Мадс Хенсен и Мартин Гејдинг сакаа да ја прегледаат снимката да утврдат дали стартот е за црвен картон, но Карасон побрза да ги убеди да не го прават тоа.

„Пред да започнеме со гледање на видеото Карасон дојде до нас и ни рече дека Елебек заслужи само казна од две минути. Такво нешто никогаш немам доживеано. Ова е неверојатен спортски потег. Можеше да се превртува и да прави драма, но ја направи најспортската работа која можеше“, рече судијата Хансен за ТВ2 Спорт.

Карасон смета дека противникот не му направил ништо посебно.

„Ме удри силно во главата, но тоа не беше намерно. Важно беше тоа да го знаат судиите. Не ме удри со бокс, туку од невнимание и мислам дека беше фер да кажам на судиите. Страшно ме нервира кога ќе видам некои играчи како по мал контакт се фрлаат на подот за да некој добие две минути. Ова е спорт кој мора да се игра остро, но фер“, рече Карасон.

Исланѓанецот овој потег го направи во големото дерби на Данска кое неговиот тим го загуби од Алборг со 30:27 и на тој начин сега заостанува четири бода зад лидерот.