Суспензија за сите ракометарки на Корона Брашов, меѓу нив и репрезентативка на Македонија

Вкупно 19 ракометарки на екипата на Корона Брашов добија известување од страна на Ракометната федерција на Романија дека се суспендирани поради сомнение дека користеле недозволена ласерска терапија, која стои на листата на забранети терапии на Анти-допинг агенцијата.

Иако за сите не е утврдено дали ја користеле оваа терапија, сепак, немаше исклучоци и сите се времено суспендирани додека не биде утврдено за што точно се работи. Меѓу ракометарките е и репрезентативката на Македонија, Наташа Нолевска.

Од ракометарките кои играат за Корона Брашов седум изјавиле дека биле на лекување во клииниката. Меѓу нив е и Нолевска, како и Базалиу, Хосу, Ласло, Бучеши, Букур и Лопатару.

Додека не се утврди вината и на нив и на другите ракометарки сите се под привремена суспензија, а веќе има најава од две ракометарки дека ќе ја тужат Ракометната федерација на Романија бидејќи тие воопшто не биле во клиниката и никогаш не користеле ласерска терапија. Едната од нив е ќерка на познатата ракометарка Симона Гогирла, Алисија Марија, додека другата е Андреа Чирикута.

Засега нема конкретни информации како може да се одвива целиот случај, а од она што го донесуваат медиумите од Романија, дел од ракометарките можат да заработат и поголема суспензија, па истата да не биде само привремена.