Симовски: Задоволен сум од посветеноста, но имаме уште работи да поправиме

Заврши есенскиот дел од Женската лига во кој беа одиграни 13 кола. Тренерот на Куманово Симе Симовски имаше свое видување за досегашниот дел од првенството. Особено ги истакна сегментите од играта на кои ќе работат во наредниот период и од кои не е потполно задоволен.

„Стартувавме во август, за релативно краток период, три-четири месеци веќе полека почнуваме да покажуваме слика која треба да не краси во наредниот период. Системот на игра го прифаќаат двојките, треба да се надоградуваме околку нашата физичка подготвеност за да можат и другите моменти да ги одработат. Тоа е одбраната каде што искрено не сум потполно задоволен, во нападот имаме ситуации да решаваме и на плитка и на подлабока зона. Имаме систем тоа го почитуваат, но нашата одбрана зависи од физичката подготвеност, така да полека работиме и на тоа поле“, коментираше Симовски.

Задоволството од ангажираноста на ракометарките ја потенцираше, но исто така и можноста за уште поголем напредок на својата екипа.

„Задоволен сум од нивната посветеност и ангажираност, можат повеќе и задоволството ќе биде уште поголемо кога во наредниот период кој следи ќе ги отстраниме тие грешки во одбраната. Имаме услови за работа, логостиката е добра и во иднина сметам дека така би требало да продолжи“, рече тренерот на Куманово.

Куманово имаше одлични настапи против најголемите конкуренти, особено во дуелот со Металург кога со многу доминантна игра го декласираше противникот со 38:27. Исто така и против останатите кандидати за највисок пласман, но целта е уште повеќе подигање на квалитетот и поголема доминација.

„Натпреварите што поминаа со Металург, Вардар и со Чаир како конкуренти за титулата, ги добивме овие три дерби натпревари иако противниците најавуваа дека ќе одат на освојување на титулата. Ќе се насочиме пролетниот дел да имаме уште поубедлива игра, а тоа може да се постигне само со работа. Периодот кој следи ќе го искористиме како мини подготовки за Регионалната лига која следи на 17 јануари наредната година“, продолжи Симовски.

Засега Куманово е водечко на табелата и доколку продолжи со квалитетни настапи и ја освои титулата ќе има можност да настапува во Лигата на шампионите. Дали ќе се обидат во најдоброто натпреварување сеуште е неизвесно, но имаат јасна цел.

„Тоа ќе го оставам на раковоството да коментира, мојата цел е да остварам да имаме добра игра. Во регионалната лига да се покажеме во добро светло, да се пласираме на завршниот  турнир каде што сметам дека ни е местото. Истото важи и за националното првенство да се атакува на двете титули“, заврши Симовски.