Ракометарот што му даде 12 гола на Вардар го бива и за сликање – имаше самостојна изложба! (ФОТО)

Европскиот шампион Вардар сезонава загуби од Веспрем, Келце, Кил…но посебно ќе се памети поразот од Мешков Брест и тоа со девет голови, 31-22. Најзаслужен за победата на белорускиот првак беше десното крило, по потреба и десен бек, Никита Ваилупов, кој даде дури 12 погодоци, од кои 11 во вториот дел кога Вардар беше комплетно разбиен.

Toj сезонава не само што е меѓу најдобрите стрелци во Лигата на шампионите, туку веќе си ја обезбеди првата позиција меѓу стрелците во СЕХА. Белорусинот досега има 72 погодици, а Тимур Дибиров е втор со 43 гола. Малкумина знаат дека Ваилупов, кој ја игра првата сезона во Брест, има уште еден скриен талент.

Ваилупов има необично хоби, и прави слики во апстрактен експресионизам. Тоа е правец во уметноста што датира од 1930 година и се состои од изразување на емоциите во сликање на необични форми со произволен колорит.

„Почнав во 2017, тогаш добив итна потреба да сликам. Со мајка ми, отидов во продавница и ги купивме сите потребни материјали. Оттогаш имам насликано повеќе од 80 дела. Јас сум аматер, некогаш правам две слики на ден, а некогаш ниедна за цел месец. Но благодарејќи на моето хоби, никогаш немам проблеми кога треба да одберам роденденски подароци за моите пријатели – секогаш им ги подарувам моите слики“, вели Ваилупов.

Пред натпреварот со Вардар, тој ја имаше првата изложба во салата „Викторија“, а парите заработени од продажбата на сликите, беше донирана во хуманитарни цели.

„Преферирам модерна уметност и во Минск често посетувам изложби. Сакам да видам какви идеи имаат луѓето и како нивните чувства и мисли ги покажуваат низ нивната уметност. Моите соиграчи сигурно си мислат дека сум малку чуден, имам необично хоби. Не сум колекционер на брзи мотори или автомобили, а после тренинг одам дома и слика. Сигурно е тешко тоа хоби да се спореди со ракометот, како типичен машки спорт“, вели Ваилупов.