Нов проблем на Металург: Грузискиот интернационалец Кбалишвили депортиран од Македонија

Не стивнуваат проблемите во тимот на Металург пред важниот реванш натпревар од третото квалификациско коло во ЕХФ Купот против словенечкиот Горење. Откако Зоран Кастратовиќ вчера поднесе оставка, која се уште не е прифатена од клубот и нејасно е дали ќе седи на клупата против Горење, во Автокоманда мора да решаваат уште еден проблем.

Грузискиот репрезентативец Иракли Кбилашвили, што на почетокот на сезоната дојде во Македонија по враќањето од Загреб, поради администратовни проблеми што клубот не ги решил досега бeше депортиран.

На враќање од Словенија од каде нашиот тим играше меч од Купот на ЕХФ на скопскиот аеродром веднаш по слетувањете полицијата го задржала Грузиецот поради администратовни проблеми со неговиот престој во Македонија. Не добил можност да ја напушти аеродромската зграда и веднаш со утринскиот лет бил вратен во Загреб од каде и долета нашата експедиција.

Првичните информации од клубот беа дека со Кбилашвили се ќе се среди и тој ќе се врати во Скопје, но тоа требаше да се случи уште во вторникот. Тој се уште не се врати и не тренира со тимот. Затоа тој не настапи на вчерашниот дуел од Суперлигата против Вардар Јуниор, а неизвесен е неговиот камбек за реваншот против Горење.

Кбилашвили се уште е во Загреб и ја чека визата што треба да му биде издадена за престој во Македонија, за што потврдува неговата последна објава на социјалните мрежи.