Мартин Манасков: Голема инспирација ми се татко ми и брат ми…

Мартин Манасков игра во одлична форма оваа сезона во дресот на Охрид, а тоа беше причина селекторот Данило Брестовац да го вметне во списокот од 28 играчи што ќе конкурираат за настап на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска.

Манасков е среќен поради новата можност, и сигурно ќе добие голема шанса да се докаже, на дуелите со Кувајт и против Холандија, Романија или Алжир.

„Среќен сум и чувството е прекрасно да се биде на поширокиот список од македонската репрезентација. Сакам од срце да им се заблагодарам на соиграчите, тренерот и целиот клуб кои ми овозможија да напредувам и бидам дел од стартот на подготовките. Јас ќе дадам се од себе на тренинзите и се надевам дека ќе го поминам последниот филтер и ќе бидам дел од Европското првенство, што е сон на секој ракометар. На почетокот од кариерата притисокот поради татко ми и брат ми беше голем, но позитивен, а сега не чувствувам никаков притисок, туку тие ми се голема мотивација“, изјави Манасков за „Ohridnews“.

Подготовките на националниот тим почнуваат на 20 декември со тренинзи во Скопје, а на 23 декември селекцијата заминува за Белград, каде ќе ги одигра пријателските средби со Кувајт.