Кастратовиќ за 24 Ракомет: Имавме турбулентна полусезона, но завршивме на првото место

Екипата на Металург се наоѓа на првото место во Супер машката лига. Составот кој ја почна сезоната со еден, а есенскиот дел го финишираше со друг тренер имаше доста промени, но и турбуленции, па затоа самиот пласман на првото место е позитивен.

Тренерот Зоран Кастратовиќ е задоволен што се на врвот и што веќе имаат обезбедено плеј-оф, а вели дека и во текот на паузата ќе биде работно така што играчите ќе имаат само неколку слободни денови.

„Успеавме овој доста турбулентен дел од сезоната да го завршиме на првото место во лигата. Беше навистина тешко бидејќи имаше промени во текот на сезоната, а во последните осум недели се навикнувавме едни на други. Нема да имаме многу пауза. Ни претстои период во кој ќе мораме да работиме добро бидејќи ни претстои напорен јануари. Ќе имаме само мала пауза“, вели Кастратовиќ за 24 Ракомет.

Металург и овој јануари ќе биде на подготовки во Франција. Договорено е учество на турнир каде што ќе бидат одиграни неколку контролни средби.

„На средина од јануари заминуваме за Франција каде што ќе учествуваме на турнир. Таму ќе одиграме неколку средби на кои ќе треба да ја провериме формата. Нема да бидеме комплетни бидејќи дел од играчите ќе бидат на Европското првенство, но ова ќе биде добредојдено“, заврши Кастратовиќ.

Јасно е дека ќе има и засилувања за да може да се влезе во битка за висок пласман во плеј-офот, па ова ќе биде интересен период во кој играчите ќе треба да одговорат на амбициите и ќе биде максимално возбудливо.