Дупјачанец: Ова не е готова работа, треба да сфатиме дека имаме голема шанса

Голманот на Металург, Даниел Дупјачанец имаше добра средба против Горење и особено во првиот дел имаше доста одбрани со кои му помогна на тимот. Сепак, во вториот дел работите на ниво на целиот тим не беа најдобри.

И покрај тоа Дупјачанец не се откажува и смета дека тој и колегите ќе знаат како да стигнат до позитивен резултат.

„Треба да сфатиме дека имаме голема шанса. Ова не е реалниот резултат. Горење има преголема предност во однос на тоа што се играше. На оваа средба некои од работите им отидоа на рака. Тука мислам на некои наши грешки, како и делови од мечот во кои не одигравме како што беше договорано… Во првиот дел имавме убава можност да го прекршиме резултатот. Видовме дека не се посилни од нас, а во Скопје ако ја задржиме подолго концентрацијата, можеме да ги анулираме овие пет гола разлика. Во Скопје амбиентот ќе биде поинаков, публиката ќе биде на наша страна, притисокот ќе биде врз нив, не е ова готова работа“, вели еден од најискусните во редовите на Металург, Даниел Дупјачанец.

Веќе е добро познато дека реваншот се игра во СЦ „Јане Сандански“. Овој дуел е на програмата следната недела од 18 часот.