Драма во Струмица: Ончев е херојот на Астраион – донесе победа над големиот ривал Прилеп

Ракометарите на струмички Астраион го победија составот на Прилеп со минимални 23:22 во осмото коло од Групата 1 во Првата лига и останаа на врвот на табелата пред главниот конкурент за првото место.

Пресметката меѓу најдобрите два тима во ова група донесе многу возбудувања и пресврти. Прилепчани се покажаа незгоден противник кој можеше да си заммине од Струмица непоразен, па дури и со цел плен, но домашните имаа срце и не потклекнаа до крај за задоволство на публиката во салата „Парк“.

Избраниците на Мики Пандев ја имаа контролата на мечот во првиот дел и на пауза заминаа со два гола предност, 11-9. Во второто полувреме гостите притиснаа и набрзина израмнија на 12-12, а потоа најчесто имаа предност од гол или два. Домашните во тој период често грешеа во нападот.

Вистинска драма имаше во финишот, кога Прилеп водеше со 20-22. Тогаш почна победничкиот танц на струмичани. Голманот Димовски имаше неколку одлични интервенции, Васе Наков постигна гол за израмнување, а победничкиот гол беше дело на Ончев.

Астраион сега имаа 22 бодови на лидерската позиција, практично веќе го има обезбедено плеј-офот, а се чини дека со составот на Тиквеш ќе ја води главната битка за влез во Суперлигата.