Дејвис: Среќни сме за начинот на кој го победивме Европскиот првак

Екипата на Веспрем денеска го совлада Вардар во мечот од 5. коло од Лигата на шампионите со 39:30. Ова дојде како реванш за поразот во финалето од Лигата на шампионите пред некој месец во Келн.

Тренерот на Веспрем, Давид Дејвис беше многу задоволен од победата и настапот на неговите ракометари против Вардар. Задоволството го изрази пред новинарите на прес-конференцијата по завршувањето на дуелот.

„Игравме против двократниот Европски првак и многу сум среќен за победата. Им благодарам на навивачите за поддршката. Ракометарите беа фокусирани и ги исполнија задачите, а натпреварот не беше лесен. Вардар не се предаваше во ниту еден момнент сè до крајот. Среќен сум за победата и за тоа како ја остваривме“, изјави Дејвис.

Лауге Шмид имаше одлично издание и беше најдобар стрелец, а после натпреварот го истакна задоволството од настапот и победата.

„Како што кажа Дејвис среќни сме што победивме. Сакаме да победуваме дома пред нашите навивачи, голема благодарност за поддршката. Прекрасно е да се игра пред вакви навивачи. Што се однесува на играта имавме одличен напад, но можевме подобро во одбраната. Сепак, среќни сме што победивме“, изјави Шмид.

Со оваа победа Веспрем се израмни со Вардар со по шест бодови исто колку што има и Монпелје, а се наоѓаат веднаш зад Кил кој е лидер на табелата во Групата Б.