„Во клубот веста за мојата бременост не беше добро прифатена“

Левиот бек на екипата на Нант и репрезетнацијата на Шпанија, Александрина Барбоса за шпанската „Марка“ зборуваше за нејзината нова улога како мајка. Таа истакна и дека веста за  незјината бременост во Нант не била прифатена добро.

„Сакате да забремените додека сте професионален спортист? Многу клубови едноставно не го разбираат тоа. Во мојот случај новостите не беа добро прифатени од клубот, тоа е срамно. Но да бидам мајка тоа е мое право. За среќа во Франција законите ве штитат и на крајот дојдовме до разбирање со клубот. Не сакав да бирам помеѓу ракометот и мајчинстовот, мислам дека можам да ги комбинирам двете улоги. Тешко е но партнерот многу ми помага во тоа“, изјави Барбоса.

33 годишната мајка е свесна дека нема уште многу години за професионално играње ракомет, затоа се труди да ужива додека може и сонува за денот кога нејзиниот син ќе ја гледа на терените.

„Сакам да продолжам да уживам во играта бидејќи немам  уште многу години пред да го напуштам спортот. Мојот сон е син ми да ја види неговата мајка како игра. Беше тешко да го напуштам за време на Светското првенстов во Јапонија, навистина ми недостига моето бебе. Но јас имам цел и тоа ми помага да останеме заедно“, заврши Барбоса.

Таа е родена во Португалија, но од 2012 година настапува за репрезентацијата на Шпанија и беше дел од Мундијалот во Јапонија кој се ближи кон својот крај.