Брестовац ги отвори картите – одбра 28 ракометари пред ЕП! (ФОТО)

Селекторот на машката ракометна репрезентација, Данило Брестовац, го објави првиот список од 28 ракометари, од кои ќе бидат одбрани патниците на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска во јануари.

Нема поголеми изненадувања, во националниот тим се враќа Велко Маркоски, додека шанса повторно ќе добијат Костадин Петров и Дарко Георгиевски, кои и досега биле на пошироки списоци на селекторите.

Подготовките стартуваат на 21 декември со собирот во Скопје, потоа до крајот на годината ќе следуваат пет контролни натпревари против Кувајт, Холандија и Романија или Алжир, а на почетокот на јануари нашите ракометари ќе тестираат со Словенија и Црна Гора.

Настапот на континенталниот собир го почнуваме против Украина на 10 јануари, на 12 играме со Чешка, додека на крајот на групната фаза ќе се соочиме со домаќинот Австрија.