Алушовски: Им честитам на момците и раководството за историската победа

Тренерот на Еурофарм Работник, Стевче Алушовски може да биде задоволен што конечно после три загубени натпревари неговите момци успеаја да стигнат до победа во Лигата на шампионите и тоа во речиси идентичен тек на настаните каков што беше на дуелите на кои се губеше.

На прес-конференцијата тој ги искажа своите видувања за она што беше сработено.

„Очекував ваков тврд и неизвесен натпревар. Ова ни е некако судено да водиме во првиот дел, а потоа да го донесеме мечот во егал завршница. Трипати загубивме сезонава, но денеска успеавме да стигнеме до победа. Им честитам на моите момци за победата, на раководството и на публиката во Битола. На Кокс му честитам за извонредната игра. Немаше да биде незаслужено ако денеска освоеја бод, но што е тука. Нас ни останува да се фокусираме кон следната средба и да се подготвиме за натпреварот против Татран Прешов следната недела“, изјави Алушовски.

И следниот меч тимот на Еурофарм Работник го игра на домашен терен, а се игра на 20 октомври.