Moќната Германија ја прегази Црна Гора во Загреб

Во првиот натпревар од првиот натпреварувачки ден во Загреб, а втор на Европското првенство, актуелниот европски првак ја започна одбраната на титутлата со импресивна игра и висока победа над Црна Гора од 32:19.

300x250

Уште од самиот почеток Германија најави дека ќе ја има комплетната контрола над резултатот во овој дуел. По воведните минути одличната одбрана на Германците предводена од голманот Андреас Вулф не им дозволи на Црногорците да се израдуваат на првиот погодок цели седум минути. Во ретките моменти кога нападот на Црна Гора можеше да го види голот на Германија, тука беше најкорисниот ракометар од изминатото европско првенство голманот Вулф. Таквиот ток на натпреварот им овозможи на Германците во средината на првиот дел да создадат серија од девет погодоци и да ја најават својата кандидатура за европскиот врв.

По првиот дел Црна Гора имаше негатива од осум голови (17:11), разлика која Германците ја контролираа и во текот на второто полувреме, а во средината на вториот дел Германија влезе и со двоцифрена разлика. Се менуваа германските ракометари на теренот, Волф одлично бранеше и разликата постојано се зголемуваше. На крајот Германија ги обезбеди премиерните бодови во група Ц, со победа над Црна Гора од 32:19.

Најпрецизен ракометар на теренот беше Генсхајмер со 9 голови, 5 даде Друкс, додека Вајнхолд, Вебер, Кун и Колбахер го следеа со 3. Кај Црна Гора Липовина имаше неколку периоди на блесок во натпреварот и на крајот запиша 7 погодоци зад своето име, го следеше Божовиќ со 4. Во следното коло, за два дена Германија ја пречекува селекцијата на Словенија, додека Црна Гора ќе ги бара првите бодови против Македонија.