Металург започна со подготовките за пролетниот дел од сезоната

Ракометарите на Металург без репрезентативците Талески, Пешевски, Нелоски и Дрогришки, кои се дел од македонската експедиција на СП во Франција, без заминатите Даниел Дупјачанец (замина во швајцарскиот Кадетен Шафхаузен) и Милош Драгаш (замина во израелскиот Хапоел Ришон), како и без повредените Филип Кузмановски и Мартин Марчец, ги започнаа поготовките за пролетниот дел од сезоната.

Металурзи се засилени со поединци од Металург 2, и тренираат под раководство на Александар Јовиќ, асистентот на Лино Червар. Во Автокоманда се врати и Немања Младеновиќ, кој ја надмина повредата на рамото, додека од утре со тренинзи ќе почне и најновото засилување – Иранецот Амин Јусефинеџад.

Во пролетниот дел од сезоната, македонскиот вицепрвак го очекува последниот дуел во Лигата на шампионите, како и уште пет средби во СЕХА Лигата, а тука се битките за домашниот Куп и во Супер Лигата.

Фото: rkmetalurg.mk