„Експертски“ старт за актуелниот шампион: Франција го прегази Бразил на стартот на СП

Во рамките на првиот дуел од Светското првенство во ракомет, Франција со убедлива игра, цврста одбрана и Тијери Омејер ја совлада екипата на Бразил со 31-16 . Франција ги забележа првите бодови во групата А, во единствениот натпревар кој се одигра на денешната програма.

Импресивната игра на „експертите“ уште на самиот почеток им донесе предност од 7-2 по првите 10 минути кои доминантните домаќини во наредните 10 ја претворија во 11-3. Одличното издание на Французите, ризичната игра на бразилскиот селектор со седум играчи во поле и лесните голови за „петлите“, беа причини за високата разлика на полувреме од 17-7.

Во вториот дел, Франција продолжи во ист стил. Се променија француските голмани, но разликата продолжи да се зголемува, а двоцифреното водство се задржа до крајот на натпреварот. Точка на овој дуел стави голманот на Франција, кој постигна погодок преку цел терен за конечни 31-16.

Најпрецизен на дуелот беше Валентин Порт со шест голови, додека Гигу, Карабатиќ, Њокас и Нарцис постигнаа по три. Кај Бразил, Толедо беше најсветла точка со 5 погодоци.