Пелистер два пати ќе му гостува на Спортинг во Купот Челинџ

Ракометарите на Пелистер двата дуели против Спортинг Лисабон во рамките на осминафиналето од Челинџ Купот ќе ги одиграат на гостински терен. Оваа информацијата е потврдена и од страна на Европската ракометна федерација, а натпреварите ќе бидат одиграни во местото Алмада, на 18 и 19 февруари со почеток во 18 часот.

Спортската сала „Младост“ во Битола веќе почна да се реновира, ќе се менува паркетот, трибините, греењето, па битолскиот тим не знаеше дали навреме ќе биде се завршено и реши да ги одигра овие натпревари во Португалија.

Откако избраниците на Касим Каменица ја елиминираа босанската Вогошча во претходната фаза, немаа среќа и налетаа на тимот што е главен фаворит за освојување на титулата во Челинџ Купот, а во своите редови ги има искусните и добро познати на македонската јавност, Јанко Божовиќ, Иван Никчевиќ, а тука е искусниот шпански плејмејкер Карлос Руесга, како и балканскиот голмански двоец, Ашанин и Чудиќ.