Бараше се враќа во Сен Рафаел, Ричардсон е замената за Доленец во Монпелје

„Вечно“ повредениот француски репрезентативец Хавиер Бараше од следната сезона ќе биде ракометар на Сен Рафаел, што практично значи негово враќање во клубот, каде настапуваше пред две години. Иако своевремено беше сметан за еден од најголемите европски таленти, сепак поради честите повреди тој не успеа да го покаже сиот потенцијал.

28-годишниот ракометар не доби вистинска шанса во ПСЖ, а годинава има силна конкуренција во Ремили и Степанчиќ. Бараше ја почна кариерата во Ница, а шест сезони играше во Шамбери, пред да го направи трансферот во Атлетико Мадрид, каде играше заедно со Кире Лазаров, но и таму не се изнаигра поради повредите. Со трансферот во Сен Рафаел, се очекува да ја врати старата форма и да се наметне во француската репрезентација.

Мелвин Ричардсон, синот на прославениот Џексон Ричардсон, кој досега играше во составот предводен од Ивица Обрван, Шамбери, е нов ракометар на Монпелје и треба да биде замената за Јуре Доленец, кој на лето ќе се пресели во Барселона. Заедно со Валентин Порт ќе го формираат дуото на десен бек во поранешниот европски првак.