Дрогришки ја продолжува битолската „линија“ во репрезентацијата

Битола отсекогаш бил град што давал многу репрезентативци. Од познатите Стефановски, Чурлевски, Николовски, Поповски, Ангеловски, Марковски… Најновиот дебитант што доаѓа од градот на конзулите, е левиот бек Стефан Дрогришки. Тој е еден од многуте дебитанти што ќе се појават на ова СП во Франција.

Македонија за првпат на едно големо натпреварување отпатува со 19 ракометари, а меѓу нив и „куп“ дебитанти. Некои и порано имале настапи за репрезентацијата, но најголемиот дел првпат се на едно големо натпреварување, како што е Мундијалот во Франција.

„Супер се чувствувам, спремен сум и мотивиран, секој предизвик е добредојден за мене. Нормално, како и на секој спортист, така и мене ми е од посебно значење ова натпреварување. – изјави Дрогришки за 24ракомет.

Тој ја доби довербата на селекторот Лино Червар кој реши да го стави Дрогришки меѓу 16-те ракометари со кои ќе го почне првенството. Македонија се наоѓа во Групата Б, заедно со Тунис, Ангола, Шпанија, Словенија и Исланд, а првиот натпревар на ќе се одигра утре со почеток во 17:45 часот.