Трајкоски: Имам притисок да ја оправдам довербата на СП

Македонија за првпат на едно големо натпреварување отпатува со 19 ракометари, а меѓу нив и „куп“ дебитанти. Некои и порано имале настапи за репрезентацијата, но најголемиот дел првпат се на едно големо натпреварување. Меѓу оние што ќе ја бараат шансата за дебитантски настап е и голманот на Охрид, Благојче Трајкоски.

„Голема чест е да се бранат националните бои, чувството е прекрасно, меѓутоа одговорноста е голема. Првиот повик за репрезентацијата и веднаш настап на СП, тоа ми прави да притисок дека треба да ја оправдам довербата на селекторот. Секако дека би сакал да се најдам во 16-те што ќе играат на натпреварите, но селекторот е тој што одлучува. Без оглед кој ќе игра, најважно е да го даде максимумот, тука сме сите со иста цел, а тоа е успех на Македонија.“ – изјави Трајкоски за 24ракомет.

Составот на нашата репрезентација ќе биде познат по техничкиот состанок, кој ќе се одржи по тренингот во салата каде што избраниците на Червар ќе ги играат дуелите од СП. Македонија се наоѓа во Групата Б, заедно со Тунис, Ангола, Шпанија, Словенија и Исланд, а првиот натпревар на ќе се одигра утре со почеток во 17:45 часот.