ЕХФ ги одреди дуелите што ќе бидат „меч на неделата“ во ЛШ

Европската ракометна федерација ги одреди дуелите кои ќе бидат „меч на неделата“ во пролетниот дел од сезоната во најквалитетното европско натпреварување, Лигата на шампионите. Овој дел започнува две недели по завршувањето на Мундијалот во Франција.

Останува да се одиграат уште 5 кола од групната фаза, пред да стартува елиминациската фаза (1/16 финале и 1/8 финале). Македонскиот првак Вардар е на добар пат да обезбеди пласман во 1/4 финалето, но ќе има незгодни гостувања во Сегед и Брест, а дома ќе игра против Кристијанштад, Целје и Загреб. Вицепрвакот Металург го очекува неважен дуел против Чеховски Медведи во последното коло од групната фаза.

ЕХФ за „меч на неделата“ од 10 рунда, реши да биде гостувањето на Барселона на Кире Лазаров и Борко Ристовски кај Веспрем. Унгарскиот првак не игра на посакуваното ниво, но дома секогаш е фаворит. Десниот бек на македонската репрезентација ќе се врати во местото каде помина четири сезони.

Германскиот првак Рајн Некар ќе има незгодно гостување кај шведскиот Кристијаштад, додека супер интересен се очекува да биде и дуелот во Киелце, меѓу европскиот првак и ПИК Сегед. За ракометните вљубеници нема да има голема пауза, бидејќи по натпреварите на СП во Франција, ќе имаат шанса да следат и атрактивни клупски натпревари во Лигата на шампионите.

Меч на неделата:

10 коло: Веспрем – Барселона, 11/02, 17:30

11 коло: Кристијанштад – Рајн Некар, 19/02, 17:30

12 коло: Киелце – ПИК Сегед, 26/02, 18:00