Лазаров „виси“ во Барселона: Каталонците потпишаа со Словенецот Доленец

Барселона потпиша нов ракометар за наредната сезона. Во каталонскиот гигант пристигнува десниот бек на Монпелје и словенечката репрезентација Јуре Доленец. Доленец потпиша договор за наредните пет сезони.

26 годишниот Јуре Доленец е роден во Љубљана, со неговите 190 цм карирата ја започнал како десно крило, но со неговиот развојот и ракометно созревање преку Горење и Монпелје се профилираше како десен бек во тимот.

Во Франција пристигна во 2013 година и е еден од најпрецизните ракометари на Монпелје со постигнати 322 голови на 87 натпревари. Наедно има забележано и 380 официјални натпревари за Словенија каде постигнал 106 голови. Тој ќе биде дел од словенечката селекција на Светското првенство во Франција. Словенија е дел од групата Б каде за противници ќе ги има Македонија, Шпанија, Тунис, Ангола и Исланд.

Откако управата на Барселона не успеа да го обезбеди потписот на германскиот репрезентативец Холгер Гландорф, новото име на десната бековска позиција Јуре Доленец ќе донесе брзина и нов правец во играта на каталонскиот првак. На таа позиција оваа сезона настапуваат капитенот на македонската селекција Кире Лазаров и младиот француски ракометар Дика Мем. На Лазаров по крајот на оваа сезона му истекува договорот со Барселона, а во наредните неколку месеци ќе се знае дали леворакиот бомбардер ќе остане во Шпанија или ќе ја промени ракометната средина.