24Ракомет анализа – Група Д: Данците атакуваат на медал, богатиот Катар тешко ќе го повтори стариот резултат

Париз е домаќин на групата Д, во која се наоѓаат репрезентациите на Данска, Шведска, Катар, Египет, Аргентина и Бахреин. Податокот дека во оваа група има дури 5 учесници од Олимписките игри во Рио 2016, дека во неа се наоѓа актуелниот олимписки шампион (Данска), актуелниот шампион на Азија (Катар), финлистот на последниот шампионат на Азија (Бахреин), актуелниот шампион на Африка (Египет), третопласираната репрезентација од пан-американските игри (Аргентина) и секогаш добрата Шведска, ја прават оваа група една од потешките и понеизвесни групи на овој  шампионат. Главен фаворит во оваа група е секако репрезентацијата на Данска, додека аутсајдер е репрезентацијата на Бахреин. Втор фаворит е репрезентацијата на Катар, додека за останатите три позиции, рамноправно ќе конкурираат останатите три репрезентации.

1. ДАНСКА

 Прв фаворит во оваа група е репрезентацијата на Данска. После разочарувачкиот настап на Европското првенство во Полска 2016 (6-то место), следеше консолидација на нивните редови, за да се вратат со злато од Олимписките игри во Рио. Светската титула е единствената која им недостасува, а воедно ова е последно големо натпреварување под водство на селекторот Гудмундсон, па затоа ќе сторат сè за да го освојат.

 Клучни играчи на оваа репрезентација се голманот на Кил, Ландин, кој со своите одбрани дава дополнителна сигурност на одбранта и секако играчот на ПСЖ Микел Хансен. Хансен е многу битен за оваа репрезентација, пред сè во нападот бидејќи со својата игра како реализатор, а и како организатор изнаоѓа решенија за противничките одбрани.

 Одбраната во главно е 6:0, доста подвижна агресивна поткрепена со Ландин на голот, овозможува многу брзи и лесни голови од контра напад.

 Нападот има голема широчина, почнувајки од бековите па се до крилата и пивотот. Имаат колективен квалитет, а ако тоа изостане имаат доста играчи кои индивидуално можат да ја решат секоја одбрана.

 Гледајќи од страна играта на данската репрезентација изгледа совршено и покрај Франција, единствено самата Данска може да се победи на овој турнир.

2. КАТАР

 Втор фаворит во оваа група е репрезентацијата на Катар. Катар е релативно нов играч во врвниот машки ракомет, меѓутоа се водени од девизата, она што не можеш да го направиш со пари, можеш да го направиш со многу пари. Така со огромни инвестиции и ангажирање на легендарниот шпанец Ривера за селектор, Катар од 20-та репрезентација на светското првенство 2013-та, дојде до сребрен медал на првенството во 2015, на кое беа и домаќини. Во 2016-та, го освоија азискиот шампионат по втор пат и го освоија олимпискиот турнир на Азија, со што се здобија со право за настап на Олимписките Игри во Рио 2016. Во Рио настапија со големи амбиции, но беа запрени во четвртфиналето, што за нив претставуваше разочарување. Затоа сега доаѓаат во Франција со намера да се вратат во големата четворка.

 Клучни играчи на оваа репрезентација се голманот Шариќ и левиот бек Капоте. Шариќ беше трет голман по одбранети удари на последното светско првенство, додека Капоте беше член на ол-стар тимот на тоа првенство.

 Голема предност на Катар, е што имаат услови и можности да бидат заедно во поголем дел од годината, што им овозможува повеќе од доволно време да се воигруваат .

 Главна карактеристика на оваа репрезентација е агресивната одбрана, која е можеби на раб на груба, што овозможува брза транзиција во напад и лесни голови од контра. Во нападот главен збор има левиот бек Капоте и играта во голем дел зависи од него.

3. ШВЕДСКА

 Само поради славното минато, огромното ракометно педигре, ја рангирам репрезентацијата на Шведска на трето место во оваа група. Од последниот медал во 2002-ра година, до денес имаат само едно второ место на Олимписките Игри во 2012 година, што за шведските навивачи е премалку. 2016-та Година беше исто така разочарувачка за Швеѓаните, 8-ми на европското Првенство во Полска и 11-ти во Рио. Тоа беше сигнал дека нешто треба да се менува, како тренерски така и играчки.

 Нов предводник на Шведска, е Исланѓанецот Кристијан Андерсон. Релативно млад тренер (36), меѓутоа и целата селекција е доста подмладена (просек 26 год). Новите лица на ракометната сцена Лукас Нилсен, Џери Толбринг се предводници на оваа нова ера на шведскиот ракомет . Голема одговорност и предизвик за млад тренер, кој треба да ја води оваа помладена селекција и во догледно време да се обиде да ја врати на старите патеки.

 Како главен недостаток на оваа репрезентација ќе претставува неискуството на настапи на големите натпреварувања, меѓутоа можеби младиот дух, желбата за докажување, борбеноста и огромниот талент кој несомнено го поседуваат ќе бидат токму предноста на оваа репрезентација. Можеби ќе се повтори 2012-та, кога исто така од аутсајдери стигнаа до медал на олимписките игри во Лондон.

4. ЕГИПЕТ

 Шесткратниот африкански шампион, Египет, е следна репрезентација во оваа група. После доста успешна 2016-та година ( го освоија африканскиот шампионат без ниту еден пораз и имаа доста успешен настап на Олимпијадата во Рио) во Франција доаѓаат доста самоуверено со една единствена цел да поминат во наредната фаза од шампионатот. Голем дел од репрезентативците на Египет настапуваат во националниот шампионат и се пред очите на селекторот Рагаб, овозможувајќи полесно да ги следи и селектира.

 Главна карактеристика и шанса да направат нешто позначајно би била играта во одбрана. Африканските репрезентации се препознатливи по агресивните и длабоки одбрамбени формации. Во нападот повеќе се базираат на своите физички и атлетски предиспозиции, додека тактичката дисциплина им е послаба страна.

 Недостатокот на играчи кои настапуваат во квалитетните европски шампионати, можеби ќе претставува голем недостаток на оваа селекција. Меѓутоа ќе треба да се внимава на оваа репрезентација, бидејќи ќе се обидат да ја искористат и најмалата шанса што ќе им се пружи за повисок пласман .

5. АРГЕНТИНА

 Симпатичната репрезентација на Аргентина константно се обидува да излезе од сенка на доста по популарните спортови во оваа земја. Покрај главните фаворити од оваа група ќе се обидат да дојдат до место кое ќе ги одведе во втората фаза од ова натпреварување.

 Изминатава 2016-та година, беше исполнета со доста осцилации, од одличниот настап и пласман на олимпискиот турнир, до освојување на третото место на Пан Американските игри и со тоа да изборат пласман на овој турнир во Франција.

 Нивните клучни играчи настапуваат во АСОБАЛ лигата, што им дава доволно простор за напредок. Предводени се од искусниот селектор Гаљардо, кој има одлични услови за работа во својата земја.

 Најголема предност и шанса да направат нешто позначајно на овој шампионат е враќањето после повредата на нивниот најдобар играч Симонет. Членот на француски Монпелје, ракометниот Меси, е клучниот играч на овој состав. Тој добро ја познава атмосферата која владее во салите во Франција. Тактичката дисциплина во нападот и малиот број на технички грешки, би можеле да бидат клучни параметри ако сакаат да поминат во втората фаза од овој шампионат и да го подобрат својот најдобар пласман до сега, а тоа е 12-то место.

6. БАХРЕИН

 За репрезентацијата на Бахреин ова е само второ светско првенство, на првиот настап го освоија претпоследното 23-место. Основна задача им е да го подобрат тој пласман, што ќе им биде доста тешко. Оваа репрезентација е во прогес и се обидува да го следи далеку помоќниот и подобар противник од себе, репрезентацијата на Катар. Во изминатава 2016-та имаа забележителни за нив резултати. Го освоија второто место на азиските игри, губејќи во финалето од Катар. Играа на предолимпискиот квалификациски турнир со можност да се пласираат во Рио. Константно напредуваат ангажирајќи странски тренери како во млади категории така и во сениорскиот тим. Непосредно пред овој турнир останаа без својот селетор, романецот Омер, па сега во Франција ќе ги предводи неговиот асистент Бушекри.

 Борбеноста, фанатичноста, желбата за надигрување и собирање на искуство го гледам како единствена предност на оваа репрезентација. Готово да немаат никакви шанси за пласман во следната фаза, меѓутоа секој освоен бод би претставувал огромен успех за оваа репрезентација.

БЛАГОЈЧЕ ВЕСИЌ