Македонија отвора ново мундијалско поглавје, Миркуловски: Тргнуваме подготвени на ова Светско првенство, без никаков притисок

Македонската ракометна репрезентација вечерва заминува за Франција каде од 12-ти до 19-ти јануари ќе ја одигра првата фаза од Светското првенство 2017. Во Мец, Македонија ќе настапи во група Б, заедно со Шпанија, Словенија, Исланд, Тунис и Ангола.

Јас пропуштив дел од подготовките во Маврово, се приклучив малку подоцна, задоволен сум како сме подготвени. Мислам дека тргнуваме подготвени на ова Светско првенство, без никаков притисок, и само треба да ја играме нашата игра за да оствариме поволен резултат. До сега целта беше да ја пројдеме група. Сега сме со млади играчи некои се дебитанти, но ние поискусните сме без притисок. Мислам дека тоа е добра основа, со добри подготовки, добра хемија и без притисок.- вели еден од најискусните ракометари Фили Миркуловски.

Преку Софија, вечерва македонските ракометари заминуваат на нов мундијал, со нов селектор и стручен штаб.  Според планот делегацијата преку Виена и Луксембург треба да пристигне во Мец на 10 јануари во претпладневните часови, а веќе вечерта избраниците на Лино Червар го имаат првиот тренинг. Првиот дуел Македонија го игра против Тунис со почеток од 17:45 минути.