Червар: Знам дека јавноста очекува многу, но не е добро да се создава непотребен притисок

На последната прес-конференција која се одржа пред заминувањето на македонската репрезентација за Мец, селекторот Лино Червар истакна дека е задоволен од подготовките на националниот тим и дека со настапот на Мундијалот, треба да биде почеток на новиот циклус до ОИ во Токио.

„Драго ми е што интересот на медиумите е голем. Подготовките беа тешки, мора да ги пофалам играчите. Тренираа со голем ентузијазам и волја да дадат се од себе за репрезентацијата. Немам забелешки. Знам дека интересот на јавноста е голем, сите сакаат да знаат што очекуваме. Ова е нов почеток, нов циклус, сонот е Олимписките игри во 2020 година, но не можеме веднаш да очекуваме резултати. Драго ми е што не сметаат за аутсајдери, но ние не одиме со бело знаме. Ќе се бориме до последниот атом на силите, а тоа само по себе е победа. Ако тоа донесе и резултат, уште подобро. Не сакам притисок, имаме дебитанти. Мора да научиме да се однесуваме, да се бориме. Нема причини да не одиме со оптимизам. Мора да покажеме нешто! Одиме со главата горе! Што е ново? Одбраната е поагресивна, можеме да играме и 6-0, но и подлабока. Напад 6 на 6 но и 7 на 6. Во тимот што ќе патува има 19 ракометари. Ги имам во глава тие 16 што ќе почнат со Тунис, но првенството е долго, можни се повреди. Не треба да ги потцениме противниците. Читам по медиумите дека Ангола е лесен противник, а знам колку проблеми им создаде тој тим на Тунис во Купот на нациите. Затоа, никого нема да потцениме!“ – изјави селекторот Червар.

Македонија својот настап на СП го започнува в четврток со дуелот против Тунис, а потоа следуваат дуелите со Ангола, Словенија, Шпанија и Исланд.