Талески добива „искусна“ конкуренција: Во Рајн Некар Ловен потпиша Момир Рниќ

Српскиот репрезентативец Момир Рниќ од наредната сезона ќе се пресели во редовите на Рајн Некар Ловен. Левиот бек на бундеслигашот Мелсунген потпиша договор со „лавовите“ од Манхајм на една година со можност за продолжување.

„Ким (н.з. Егдал ду Рие) не информираше за своите планови, ние ја почитуваме желбата да започне нов живот, би сакале да можевме да го видиме Ким во дресот на Рајн Некар Ловен и во 2018, но одлуката е донесена и ние жалиме поради тоа. Со Момир Рниќ и Филип Талески ќе имаме моќно дуо бекови кое ветува многу кога во прашање е надворешната бековска линија.“ -истакна претседателот на клубот Џенифер Кетеман.

29-Годишниот српски интернационалец, својата кариера ја започна во Пролетер Зрењанин, на 20 години го прави својот прв интернационален трансфер во словенечки Горење, а по две одиграни сезони преминува во лутиот ривал Целје Пивоварна Лашко. Во 2011 Рниќ заминува за Германија, каде настапува за Гепинген и Мелсунген.

Со Момир Рниќ, ќе добиеме искусен ракометар, кој одлично ќе го надополнува Филип Талески. Сметам дека следната сезона ќе биде добра за нас. -вели спортскиот директор Оливер Рогич.

Минатата сезона во ЕХФ Купот постигна 39 голови, а Мелсунген во четвртфиналето беше елиминиран од Скјерн. Момир Рниќ е син на познатиот југословенски ракометар со исто име и презиме.

На позицијата лев бек во редовите на германскиот шампион од наредната полусезона на Егдал ду Рие, Рико Келер и Михаел Абт ќе им се приклучи и македонскиот репрезентативец Филип Талески. Шведскиот репрезентативец Ду Рие се откажува од ракометот на крајот на оваа сезона, па искуството на Рниќ ќе биде добредојдено за надворешната линија на Рајн Некар Ловен.