Се зголемува балканската колонија во Израел: Урош Елезовиќ потпиша за Рамат Хашрон

Најдобриот ракометар на Војводина, Урош Елезовиќ, го напушти српскиот шампион и во продолжение од сезоната ќе го носи дресот на израелскиот тим Рамат Хашрон. Војводина, пак останува без лидерот во тимот и ќе има големи проблеми да ја одбрани круната во Србија.

Елезовиќ беше дел од српскиот национален тим на последното ЕП во Полска, а пред Војводина играше и за словенечките Тримо Требње и Цимос Копер, за швајцарски Кадетен, за ПСЖ, како и за катарска Лехвија.

Со доаѓањето на Елезовиќ во Израел се зголемува балканската колонија, а таму играат и ракометари кои што се познати и за македонската ракометна јавност. Поранешниот ракометар на Вардар и Металург, Тихомир Додер е дел од Хапоел Ашдод, додека поранешниот македонски репрезентативец и член на тимот од Автокоманда, Ренато Вугринец заедно со Милош Драгаш се членови на Хапоел Ришон Ле Зион.

Во Макаби Тел Авив играат српските интернационалци Бутулија, Бошковиќ и Ѓорѓевиќ, додека во составот на Макаби Ришон Ле Зион се Иван Карачиќ, Роберт Маркотиќ и Давид Рашиќ. Поранешниот македонски репрезентативец Иван Телепњев е дел од Рамат Хашрон, каде потиша и Елезовиќ, а таму игра и екс вардаровиот голман Милан Косановиќ.