Словенија по втор пат поразена од Франција

Репрезентацијата на Франција ја забележа втората победа во вториот конторлен дуел против Словенија во рамките на подготовките за Светското првенство. Домаќините на следниот ракометен мундијал беа убедливи, ја имаа контролата над играта и резултатот и на крај успеаа да слават победа во Монпелје од 33-26(17-13).

Французите уште во првиот дел ги разрешија сите дилеми околу победникот на овој дуел. Францускиот селектор ја менуваше сликата за својот тим, испробуваше нови решенија во нападот, но тоа не влијаеше на играта на Франција која на пауза замина со предност од 17-13.

Во вториот дел продолжи играта гол за гол. Светските прваци тестираа нови варијанти во нападот, а акциите најчесто завршуваа на линијата од 6 метри преку Сорендо или крилните ракометари. Таа задача на овој дуел им припадна на Мае, Њокас, Порт и во самиот финиш Николас Клер. Французите ја одржуваа разликата на пет погодоци, се до 55та минута кога со два гола во низа заминаа на плус 7. Предноста се одржуваше до смаиот крај, во самиот финиш на дуелот на неколку секунди до крајот на натпреварот Франција стави точка на последиот контролен дуел за конечни 33-26.

Словенија имаше повремени блесоци, добри минути во вториот дел имаше расположениот Кодрин, стандардно нападот го предводеа Доленец, Кавтичник и Безјак, но резултатот на крајот не беше во полза на составот на Веселин Вујовиќ.

Остануваат уште четири дена да се отстранат грешките пред првиот дуел на словенечката репрезентација во групата Б против Ангола. За пласман во осминафиналето Словенија покрај африканскиот претставник ќе мора да биде поуспешна од Македонија , Шпанија, Исланд или Тунис.