ШТО МИ ЈА ОДБЕЛЕЖА 2016 ГОДИНА – Стефан Трајковски: Во Велес сите живеат за ракомет

Годината што ја испративме, беше исполнета со многу ракомет. Дали клупски, или репрезентативен, возбудувањата не недостасуваа. Левото крило на Борец, Стефан Трајковски, минатата година се пресели од Тинекс Пролет во Велес и по лошиот старт, имаа одличен финиш на полусезоната со неговиот тим.

Што Ви ја одбележа 2016 година?

-За мене 2016 година беше интересна на професионален план бидејќи по 3,5 сезони поминати во Тинекс Пролет се преселив во Борец од Велес. Ова е еден од градовите каде што луѓето живеат за ракометот и во голем број доаѓаат на нашите натпревари, без оглед дали играме дома или на гости. Можам да кажам само позитивни зборови за управата и клубот за завршената полусезона. На приватен план, ќе го истакнам моето дипломирање по Бизнис и Логистика.

Вашите желби и очекувања од 2017 година?

-Во 2017 година не очекуваат интересни 4 кола од Супер Лигата, а мене и на моите соиграчи, желба ни е обезбеување на едно од местата кои водат во плеј-офот за титулата. Очекувам напорна работа, добро здравје, мене и на соиграчите, да не заобиколат повредите, а успехот сам по себе ќе си дојде.

Порака до читателите на 24ракомет и до оние што го сакаат ракометот…

-Би сакал на сите читатели на 24ракомет и они што го сакаат ракометот да им ги честитам празниците, да имаат мигови исполнети со многу здравје, среќа и љубов. Воедно, сакам да им посакам успех на нашите репрезентативци на СП и подобар пласман. Ракометот не е само игра, тоа е начин на живот. Спортувај, сакај, играј РАКОМЕТ!