Подготовки за СП: Исланд загуби од Унгарија

Противникот на Македонија во групната фаза на СП, Исланд, загуби во второто коло на Бигма Купот во Данска од репрезентацијата на Унгарија со 30:27. По победата над Египет во првиот дуел, „рибарите“, кои на турнирот во Данска се без Арон Палмарсон, беа поразени од селекцијата на Чави Сабате.

Исланд во првиот дел беше рамноправен до 10:10, пред Анчин и Харшањи да обезбедат три голови предност, разлика која беше одржана до крајот на полувремето за 18:15. Во вториот дел предноста беше удвоена на 24:18, но Исланд се врати на 26:23, а потоа и на 27:26. Сепак, искусниот Лекаи стрелаше во мрежата на Густавсон, а Фазекаш им одбрани два удари на Исланѓаните.

Пак Лекаи и Јухаш го затворија дуелот со голови за конечни 30:27. Најдобар во исландскиот тим беше 21-годишниот Смарасон со 7, кој се покажа како одлична замена за Палмарсон, Магнусон постигна 5 голови, додека Карасон даде 3. Искусниот Ласло Наѓ беше предводник на Унгарија со 6 голови, а Мате Лекаи даде 5.

Исланд е противник на Македонија на послендиот дуел од групната фаза на Мундијалот, а тој ќе се одигра на 18 јануари во Мец и може да биде решавачки околу пласманот во осминафиналето.

Фото: mbl.is