Инјекцијата е последна шанса за Палмарсон

Најголемата ѕвезда на Исланд, Арон Палмарсон, е во трка со времето за да биде подготвен за Светското Првенство, и за дуелите против Македонија, Шпанија, Словенија, Тунис и Ангола. По консултацијата со медицинскиот тим на националниот тим, Палмарсон не замина за Данска, каде Исланд настапува на Бигма Купот и остана дома да тренира.

„Примив инјекција пред неколку дена и мислам дека ќе биде добро. Се чувствувам подобро и веќе в понеделник ќе патувам за Данска да им се придружам на момците и заедно ќе летаме за Франција. Направивме се што можевме. Јас сум во трка со времето. Инјекцијата беше последна шанса и јас сум оптимист. Доколку селекторот смета дека може да започнеме без мене во групната фаза, а подоцна да се приклучам и да имам подолго време да се опоравам, јас го прифаќам тоа.“ – изјави Палмарсон.

Другите двајца ракометари што се повредени, бековите Асгеир Халгримсон и Арнор Атласон, ќе биде навреме подготвени за настапот на СП. Претходно пикерот Роберт Гунарсон, десниот бек Александер Петерсон и плејмејкерот Снори Гудјонсен се откажаа од националниот тим.

Македонија ќе игра против Исланд на 18 јануари, во последниот дуел од групната фаза, кој можеби ќе биде и решавачки за пласманот во осминафиналето, па Палмарсон ќе има време да се опорави и да игра против нашиот тим.