Младинците ги почнуваат квалификациите за СП: Шанса која не треба да се пропушти

По генерацијата на Кирил Лазаров, Наумче Мојсовски, Бранко Ангеловски, Иван Марковски, Ристо Калајџиоски, Благојче Крстев кои во 1997 година играа на СП предводени од Љубомир Савевски за играчи до 21 година во Турција и го освоија 15 место, и по генерацијата на Никола Митревски, Велко Маркоски, Дејан Пецаковски, Столе Стоилов кои играа под водство на Веселин Вујовиќ на СП во Македонија во 2007 година беа на 10. место, на ред се Филип Талески, Марко Нелоски, Мартин Велковски да обезбедат пласман на уште еден Мундијал, кој ќе се игра во јули во Алжир.

Квалификациската група ќе се игра во СРЦ „Кале“ во Скопје, а противниците не се наивни селекции, Полска, Португалија и Турција. Првиот испит за избраниците на Илија Темелковски е најтежок, а тоа е репрезентацијата на Полска. По две недели подготовки на Маврово, младинците „засилени“ со тројцата ракометари кои се дел и од сениорската селекција, се подготвени да го дадат својот максимум и со победа да ги отворат квалификациите, што значи дека голем дел од работата ќе биде завршен.

Првиот меч вечерва против Полска е со почеток од 17,45 ч.

Само првопласираната репрезентацијата од оваа група ќе оди на СП во Алжир. Од европските репрезентации директен пласман обезбедија, Шпанија како светски прва, како и Германија, Хрватска и Норвешка. Интересен е фактот што доколку Македонија обезбеди учесто, тоа ќе биде продолжување на традицијата, на секои 10 години младинската селекција да игра на СП (1997, 2007 и 2017).

Влезот на сите натпревари на младинската репрезентација во СЦ „Кале“ е слободен.