Пристигна официјална потврда од Рајн Некар Ловен: Филип Талески од јануари во Манхајм

Како што веќе најави 24Ракомет, Филип Талески од јануари ќе се пресели во Германија. Бундеслигашот Рајн Некар Ловен денес на социјалните мрежи и официјално ја потврди оваа вест, што значи дека тимот од Автокоманда останува без еден од неговите предводници во пролетната полусезона.

До крајот сините ќе одиграат уште еден натпревар од Лигата на шампионите, ќе го завршат регуларниот дел од СЕХА лигата, а останува уште македонскиот плеј-оф во кој ќе се обидат да ја одбранат вицешампионската титула.

Со заминувањето на Талески клубот од Автокоманда ќе загуби во нападот, бидејќи левиот бек беше од главните играчи на Лино Червар. Талески е втор стрелец на екипата во лигата на шампионите со 41 гол, пет помалку од Немања Обрадовиќ.

Десноракиот бомбардер на Елверум му даде 13 гола сезонава во ЛШ, а со „десетка“ го почести и Татран. На десетте натпревари во ЛШ, само против Монпелје не постигна гол.
Во СЕХА лигата е најдобра стрелец на Металург со 46 гола на 11 натпревари.

“Отсекогаш имав желба да настапам во Бундеслигата. Сега сè се случи многу бргу и благодарен сум на сите кои овозможија ова да се случи. Со мислите сум насочен кон Светското првенство во Франција и со нетрпение ги очекувам новите предизвици со лавовите, кои според мене важат за најдобриот клуб во Европа– истакна Талески за официјалниот сајт на клубот од Манхајм.