Манасков на крстопат меѓу Германија и Полска

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков ја игра својата прва сезона во дресот на Рајн Некар Ловен. Но, според договорот и плановите на „лавовите“ од Манхајм, тој ќе го напушти германскиот шампион по завршување на оваа сезона. Токму затоа, додека Манасков ги разгледува своите опции за иднина, се погласни се шпекулациите за новата ракометна средина на македонскиот интернационалец.

Кога се зборува за следната дестинација на левото крило на Рајн Некар, најблиску е полскиот шампион Киелце. Интерес има, но сè уште нема потврда за дефинитивна одлука. Полјаците упатиле великодушна понуда за македонскиот крилен играч, на позиција каде во моментов настапува одличниот Мануел Штрлек и полскиот репрезентативец Матеус Јахлевски. Киелце ќе се обиде да го подмлади својот состав за следната сезона како дел од стратегијата на клубот, а во плановите на Талант Душебаев сигурно има место и за македонското крило.

Интерес постои и од неколку германски клубови. Вецлар е заинтересиран повторно да го види Манасков во своите редови, а голем интерес има и од некогашниот европски првак Фленсбург.  Сепак според последните информации од Бундеслигата, составот на Врањеш има резервна опција за искусниот Андрес Егерт. На таа позиција Фленсбург ќе остане само со младиот Хампус Ване на крајот на сезоната, па до официјалната промоција на наследникот на искусниот дански репрезентативец сите можности се отворени.

Долг е патот до конечната одлука на македонскиот репрезентативец и неговиот менаџерски тим. Сега пред Манасков претстојат репрезентативните обврски и Светското првенство во Франција по кое сигурно ќе се крене поголема прашина во ракометните кругови.