ФАНОВИТЕ НЕ ЗАБОРАВААТ: Хамбург и во трета лига руши рекорди по посетеност

Некогаш моќниот состав на Хамбург владееше со ракометна Европа, но пред речиси две години успешната приказна се претвори во финансиски кошмар по кој бундеслигашот прогласи банкот.

Клубот започна од почеток, скромно во третата лига на Германија. Тие моментално се на третата позиција на табелата во третата дивизија-Север и сè уште имаат шанси да се искачат ниво погоре во 2 Бундеслига.

Управата на некогашниот германски шампион и освојувач на Лигата на шампионите не ги заборави старите добри денови и како божиќен подарок за своите фанови, се одлучи натпреварот против ДХК Фленсборг да го одигра во својот некогашен ракометен дом, големата сала на Баркликард Арената во Хамбург. Целта на овој потег беше да се сруши рекордот на посетеност на еден натпревар од третата Бундес лига.  Дуелот меѓу ХСВ и Фленсборг го следеле дури 8555 посетители или 5000 повеќе од последниот рекорд во лигата. На овој дуел домаќинот забележа победа од 37-32.

Хамбург беше дел и од натпреварот кој пред повеќе од две години во најсилното германско натпреварување постави рекордна посетеност во светски рамки од околу 44000 гледачи на Франкфурт Арена. Натпреварот меѓу Хамбург и Рајн Некар Ловен заврши со победа за „лавовите“ од 28-26.

Германските навивачи отсекогаш важеле за вистински љубители на ракометот, а со овој потег на управата на Хамбург само докажаа дека гледачите и фановите на пропаднатиот ракометен гигант сè уште дишат заедно со клубот. Мотив и поттик повеќе да се вратат на старите патеки.