Веспрем му се реваншираше на Загреб и го осигура Ф4

По македонскиот првак Вардар, унгарскиот и СЕХА шампионот Веспрем е вториот тим кој го обезбеди пласманот на завршниот турнир во ова регионално натпреварување. Предводени од голманот Миклер и од Илиќ во нападот, домашните повторно си поиграа со нервите на навивачите, но славеа над Загреб со 28:25.

„Плинарите“ иако беа во негатива поголем дел од мечот, сепак во финишот стигнаа до 25:25, но домаќините со три гола во серија ја обезбедија победата на дуелот со кој се спушти завесата во СЕХА Лигата за оваа година. Најдобар во домашниот тим беше Маргуч со 6 голови, додека кај Загреб, Марковиќ и Шебетиќ дадоа по 5.

Покрај Веспрем и Вардар, кои веќе обезбедија пласман на Ф4, во игра сеуште Целје, Загреб и Брест Мешков за последните две места.